СЗО: Контактите на заразените ставете ги во изолација

20.10.2020 16:40

Вртоглави бројки на новозаразени со Ковид-19 на глобално ниво. Надминат и 40-иот милион. Кривата рапидно расте од ден во ден. Докторите се уморни, а експертите загрижени. Граѓанска непослушност или недоволно рестрикции. Ќе успеат ли мерките да ја стишаат пандемијата, или на прагот на зимата ќе гледаме црни сценарија? Која е тајната формула во битката со Ковид?

Барањето на контактите стана тешко во многу европски земји, а бројот на нови случаи со Ковид-19 на стариот континент ескалираше во последните две недели. Од СЗО со апел-контактите на заразените ставете ги во изолација!

„Ако имав право на една желба, со цел да подобрам само една работа што навистина можеме да ја поправиме и да ја смениме ситуацијата, тоа ќе биде да се осигура дека секој поединец кој бил во контакт со потврден случај на Ковид-19 е во карантин, онолку колку што е неопходно, да се скрши синџирот на пренос. Тоа е една од главните причини зошто гледаме толку високи бројки“, изјави Мајкл Рајан, шеф на службата за итни случаи на СЗО.

Најстроги рестрикции воведува Ирска. Земјата го подигна нивото на ограничувања од сегашното второ, на максимално, петто ниво.

„Преминуваме на еден од најстрогите режими во европа за намалување на нивото на Ковид-19 пред Божиќ. Според планот, во наредните 6 недели- сите несуштински бизниси ќе се затворат и луѓето ќе бидат ограничени на движење до 5 километри од нивниот дом. Свадбите сепак ќе останат на 25 гости до крајот на годината“, изјави Мајкл Мартин, премиер на Ирска.

Црвен аларм вклучи и Италија, откако за едно деноноќие беа регистрирани речиси 12 илјади случаи. Во земјата се ограничува работното време во кафулињата и рестораните, а од четврток Ломбардија- која беше силно погодена во првиот бран, воведува полициски час.

„Овие мерки одат во вистинската насока, да се надеваме дека ќе бидат доволни. Важно е да бидат навремено спроведени“, изјави Виторио Демикели,  директор на Агенцијата за здравствена заштита во Милано.

Мислењата на граѓаните, сепак поделени.

„Имаме висок број на заболени, бројките зборуваат сами за себе. Според мене, тоа е вистински избор.“

„Нема логика. Неважно е дали ќе излезам на полноќ или во 17 часот за аперитив, исто е!“

Слична е ситуацијата и во Шпанија. По Франција и Белгија, Словенија за прв пат од вечерва воведува полициски час, откако статистиката во земјата покажа дека секој петти човек е заразен со новиот вирус. Во Бугарија се регистрирани над илјада случаи во еден ден. Хрватска бележи речиси 900, но засега властите не размислуваат за воведување на полициски час. На глобално ниво, бројот на позитивни случаи од Ковид-19 го надмина 40-иот милион.

 

Бојана Крстевски