Нови мерки

Угостителите ќе работат до 23 часот, администрацијата од дома, јавниот превоз со преполовен капацитет

21.10.2020 09:57

Угостителите ќе работат до 23 часот, автобусите ќе возат со половина капацитет, администрацијата ќе работи во смени,онлајн или со ротации во групи. Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести, но собраниската расправа за измени на законот не започна. Министерот Филипче бара итна реакција од пратениците...

Угостителските објекти ќе работат до 23 часот, државната администрација треба да го организира работењето од дома или во смени, а капацитетот на јавниот превоз ќе се ограничи за 50 отсто. Ова се дел од препораките на Комисијата за заразни болести со цел заштита од Ковид-19, кои Владата вчера ги усвои и истите веднаш стапија на сила.

Сите угостителски објекти ќе работат до 23 часот, освен оние кои вршат испорака, а целата државна и јавна администрација, општините и судовите треба да ја организираат работата во смени, онлајн од дома или пак редуцирано со систем на ротации.

Согласно владината одлука, атлетската трка „23 Октомври“ ќе се одложи, и ќе остане забраната за присуство на публика на спортските натпревари кои ги организира Ракометната федерација и другите спортски федерации. Исто така, вчера беше одобрен и Протоколот за постапување при полагање на стручен испит за наставници и стручни соработници во тек на пандемијата со Ковид-19.

Овие предлози Владата ги прифати од Комисијата за заразни болести со цел заштита на јавното здравје и намалување на бројот на заболени од Ковид-19.

Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, вчера не се најдоа на дневен ред на Собранието, откако опозицијата побара време да ги разгледа. Измените на овој Закон треба да бидат основа за спроведување на нови мерки за заштита од коронавирусот.

Со измените во Законот, задолжително ќе биде носење маска на отворено, ќе се забрани групирање на отворено после 22 часот и се ограничува бројот на гости во домовите на четири лица.

Министерот за здравство Венко Филипче пак, очекува пратениците да покажат одговорност и итно да ги донесат новите мерките за заштита од Ковид-19, бидејќи, нагласува, состојбата е сериозна. Тој им порача на граѓаните дека постоечките мерки и препораки се во интерес на заштита на нивното здравје и мора доследно да се почитуваат.

Филипче информираше дека болничките капацитети се исполнуваат, а пациентите се сместуваат и во модуларната болница на Инфективната клиника. Нема слободни болнички кревети во повеќе инфективни одделенија во државата, во болницата во Куманово, Штип, Струмица. Почна да се полнат и одделенијата во Кавадарци и Гостивар.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 408 случаи на Ковид-19. Оздравени се вкупно 281 пациент, а починале четири лица. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 24.196, бројката на оздравени пациенти е 17.673, а на починати е 850. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 5.673.