Образование

Комбинирана настава со претпазливост

21.10.2020 13:12

Во прилепско Мало и Големо Коњари се учи комбинирано- до петто со физичко присуство, од шесто до деветто на далечина. Внимателните наставници и ученици на официјалните, си додале свои заштитни мерки приспособувајќи се на овие пандемиски времиња. Бројот на учениците се намалува, иако нема иселувања. Нашата екипа беше на терен...

Јана е петто одделение. Учи во подрачното училиште „Страшо Пинџур“ во прилепско Големо Коњари, една од најстарите училишни згради во земјава со 96-годишна традиција. Дозволено им е да имаат физичка настава до петто. Јана и нејзиниот одделенски  наставник велат - учат и почитуваат мерки.

На само два километри, во централната зграда во Мало Коњари, во претпладневната смена училниците се зафатени со настава на далечина.

На 144 ученици од Мало, Големо Коњари и Кадино Село, ученичките денови им поминуваат комбинирано, внимателно, според протоколи кои ќе им ги обележат сеќавањата засекогаш. На официјалните заштитни им додале и дополнителни мерки, приспособени на условите во кои работат. Засега, сѐ тече непречено и без проблеми.

Мало и Голем Коњари се речиси предградие на Прилеп.

Родното место на Силјан штркот  им обезбедува настава и заштита на потомците. Можеби пролетното враќање на штрковите ќе потсети на даровите што симболично ги носат.

 

Елизабета Митреска