Се враќа полицискиот час низ Европа
Коронавирусот веројатно ќе стане трајно сезонско заболување како грипот, доколку вакцината не е ефикасна- тврдат британски научници. Во Франција, Белгија, Словенија и некои области во Италија, се враќа полицискиот час. Во Чешка е задолжително носење маска на отворено, но и во автомобилите.

Светот се обидува да се справи со смртоносната вироза преку секојдневни рестиктивни мерки. Европа живее со ограничувањата. Франција, Белгија, Словенија и некои области во Италија се во полициски час или ноќен карантин со што ги сведуваат активностите на населението на минимум. И шпанската влада е за воведување полициски час во Мадрид. Преостанатите региони најавија ограничување на непотребните движења, а локалите се затвораат по 21 часот.
„Ситуацијата е многу лоша, секој ден имаме се повеќе случаи.“
„Ако треба да ја намалиме стапката на новозаразени, мора да преземеме нешто.“
„Иако затворањето е многу лошо, сепак преземаме мерки на претпазливост, но младите секако не ги почитуваат.“
Во Чешка е задолжително носењето заштитна маска на отворено, па дури и во автомобили. Во изминатите 24 часа, во земјата се потврдени речиси 12 илјади случаии на зараза.
„Во ноември ќе се приближиме до најголемиот притисок врз здравствениот систем. Очигледно е дека мораме детално да ги следиме мерките. Доколку ограничувањата не дадат резултат, логично е дека владата ќе мора да воведе построги мерки“, вели Роман Примула- министер за здравство во Чешка.
Покрај рестрикциите, властите се надеваат дека вакцината наскоро ќе го врати светот во нормала. Неколку можни вакцини, меѓу кои и две кинески, се во завршна фаза.
„Двете вакцини против Ковид-19 од институтот од Пекинг и од Вухан беа под клинички испитувања во 10 земји, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Франција, Јордан, Перу, Аргентина и Египет. Досега покажаа многу добри карактеристики“, изјави Лиу Ингингжен- претседател на Националната фармацевтска група на Кина.
Сепак, истакнатиот британски научник Патрик Валанс е песимист. Коронавирусот, според Валанс веројатно ќе стане трајно заболување, додека испитувањата за вакцината траат најмалку пет години.
Маријана Димовска
