Модуларната болница се полни
Во модуларната болница во Скопје со капацитет од 70 кревети, веќе се пополнети 15. Инфективните одделенија во болниците се скоро пополнети и лекарите препорачуваат пациентите без симптоми да не доаѓаат на Инфективна, туку да се лекуваат кај матичните лекари.

Пациенти заболени со Ковид-19 почнаа да се примаат во монтажната болница, откако целосно се исполни Инфективната клиника. Тука се згрижени повеќе од 15 пациенти од сите градови низ државата, а има капацитет за 70 болни. Надлежните од болницата не знаат со каква динамика ќе се полнат капацитетите, но според официјалните извештаи засега има 10-тина хоспитализирани дневно. Уверуваат- здравствениот систем е подготвен да се справи со предизвикот.
Директорката на Инфективна повторно повика да се почитуваат мерките, пациентите без симптоми да не доаѓаат во установата, туку да се лекуваат според препораките на матичните лекари.
Драстично зголемениот број на новодијагностицирани со коронавирусот, ги преполни повеќето инфективни одделенија во земјава. Во некои градови нема место за новозаболени. Министерот за здравство Филипче, веќе оцени- кога ќе се исполнат болничките капацитети, следен чекор е полициски час.
Владата ги усвои мерките угостителските објекти да работат до 23 часот, државната и јавната администрација да работи во смени или онлајн, капацитетот во јавниот превоз да се ограничи за 50 насто. Останатите мерки треба да бидат усвоени од Собранието.
Андријана Атанасовска
