Шекеринска: Вака не разговараат членки на НАТО
Бугарскиот министер за одбрана Каракачанов, подготвен да испрати полк во Македонија за отстранување на спомениците каде пишува „Бугарски фашистички окупатор“. „Несериозна изјава, ова не е начин на комуникација меѓу земји-членки на НАТО“- реагираше министерката за одбрана Шекеринска. Од Владата нема конкретен одговор дали до Софија ќе биде испратена протестна нота...

Нова провокација од бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов. Во интервју за бугарско радио рече дека доколку е потребно, во Скопје ќе го испрател инженерскиот полк за да отстрани дел од спомениците каде што пишува „Бугарски фашистички окупатор“. Софија се заканува со вето за меѓувладината конференција Македонија-ЕУ што се очекува во декември. По договорот со Грција за еден месец ги отстранија сите табли со Александар Македонски, го сменија името на автопатот, ги сменија таблите на аеродромот. За еден месец Македонија ќе треба да ги отстрани и плочите, изјави Каракачанов.
„Доколку е потребно, ќе им го испратам инженерскиот полк да ги отстранат сите споменици што побргу или пак, ќе им ја пратам младинската организација на ВМРО, ќе ги отстранат во вечерните часови“, изјави бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов.
Помина времето кога министри за одбрана во регионот даваат вакви изјави, а некој да ги смета за сериозни. Таков начин на комуникација не им доликува на земји-членки на НАТО, оцени министерката за одбрана Шекеринска.
„Затоа очекуваме Бугарија, која беше една од државите во регионот што од самиот почеток ја поддржа нашата независност, но и нашето членство во НАТО и во ЕУ, тоа да го прави и сега, бидејќи пријателските народи, македонскиот и бугарскиот, можат да одат напред само ако се поддржуваат меѓусебно“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Од владата со осуда на изјавата на Каракачанов. Од таму велат дека се очекува Бугарија да продолжи да ја поддржува евроатлантската интеграција на Македонија. Портпаролот Арсовски немаше конкретен одговор, дали се размислува Скопје да испрати протестна нота до Софија.
Милчо Велески
