Хирург од Куманово ја загуби битката со Ковид-19
Во приватна болница од коронавирус почина хирург од кумановската болница. Лекарот тестот го добил пред десетина дена, па поради сериозната клиничка слика, веднаш бил испратен на лекување на Инфективната клиника во Скопје. Најверојатно на негово барање бил префрлен во „Систина“. Од кумановската болница, каде што работел 30 години, жалат за својот колега. Укажуваат дека нема позитивен случај на хируршкото одделение...

Хирургот Драган Тасевски вработен во Општата болница во Куманово, ја загуби битката со коронавирусот. Лекарот добил позитивен тест пред десетина дена, па поради сериозната клиничка слика, веднаш бил испратен на лекување на Инфективната клиника во Скопје. Најверојатно на свое барање бил префрлен во приватната клиника „Систина“. Директорката на болницата со жалење ја потврди веста.
„За мене е навистина шок и трагедија што се случи, не верувавме кога ја добивме информацијата, имало позитивни, веројатно ќе има до крај на оваа пандемија. Имам и неколку прашања дали на одделот за хируршки болести има и други позитивни- нема, ниту еден не е ковид позитивен, ниту со симпотими на болеста“- истакна директорката Снежана Захариева.
Лекарот Тасевски на хируршкото одделение работел повеќе од 30 години. Ова е прв случај на починат од коронавирусот во Општата болница. Од таму посочуваат дека работат на проширување на сместувачките капацитети, но сѐ уште ги чекаат насоки од надлежните. И првиот човек на Куманово потврди дека за монтажната болница се чека на Министерството за здравство. Општината е задолжена за пристапната инфраструктура.
Елена Георгиевска
