Бенфика, Валенсија, Лион, Бетис на прагот на ¼ финалето
Првиот дел од италијанскиот двомеч меѓу Јувентус и Фиорентина предизвика фудбалска бура, а заврши со израмнет резултат 1:1. Немаше голови на натпреварот Базел-Салзбург. Порто се здоби со минимална предност од 1:0 против силниот Наполи...

Впечатливи настапи имаа Валенсија,Бенфика,Лион и Бетис. Тие се силното ехо од отворањето на 1/8 финалната претстава во Лигата на Европа.Најимпресивна е победата на Бенфика во Лондон. Португалците на монументалниот „Вајт Харт Лејн“ со 3:1 го надиграа Тотенхем, преостанатиот англиски изданок во ова натпреварување. Валенсија имаше резултатски успешно патешествие во Бугарија. Со 3:0 на Лудогорец му го нанесе првиот европски пораз во оваа сезона. Валенсија и со десетмина играчи по исклучувањето на Кеита во 24 минута беше пресилна за бугарскиот првак. Прогнозите одново се покажаа како неблагодарни во однос на андалузиското дерби Севилја-Бетис. Севилја беше фаворит против лутиот ривал од градското соседство, но Бетис победи со 2:0 и е пред лет на повисоко европско рамниште. Викторија поведе уште во 3-та минута на гостувањето во Лион, се чинеше дека Чесите одново ќе блеснат. Но, Лион не само што брзо израмни, туку со уште три гола во второто полувреме со 4:1 мирно ќе патува на возвратниот меч во П’лзењ.
Преостанатите четири дуели завршија со „тесни“ резултати, зголемувајќи ја неизвесноста околу конечниот епилог. Првиот дел од италијанскиот двомеч меѓу Јувентус и Фиорентина предизвика фудбалска бура, а заврши со израмнет резултат 1:1. Немаше голови на натпреварот Базел-Салзбург. Порто се здоби со минимална предност од 1:0 против силниот Наполи. Со ист резултат од 1:0 холандскиот АЗ Алкмар ја заврши првата рунда против Анжи.
Лига на Европа-1/8 финале резултати:
Лудогорец-Валенсија 0:3
Базел-Салзбург 0:0
Порто-Наполи 1:0
Тотенхем-Бенфика 1:3
АЗ Алкмар-Анжи 1:0
Лион- Викторија П,лзењ 4:1
Севилја-Бетис 0:2
Јувентус-Фиорентина 1:1
