Уредбата за намалување на патниците во јавниот превоз- удар за превозниците
Новата уредба за намалување на патниците во јавниот превоз ќе биде голем удар за нас, велат комби- превозниците и такси компаниите од Тетово. Сѐ уште не можеме да закрепнеме од претходните мерки, кога владата целосно го забрани јавниот превоз во тетовско. Од полицијата најавија засилени контроли за почитување на одлуката за ограничен број на патници...

Комби превозниците утринава забрзано го спечалуваа последниот денар, пред да настапи полицијата на терен, која од денеска ќе контролира дали се почитува владината уредба за намалување на капацитетите во јавниот превоз на 50 проценти. Велат, со преполовен број на патници не им се исплаќа воопшто да возат. Некои ќе останат дома, други пак ќе ризикуваат и ќе возат како досега.
Од владината уредба засегнати и такси компаниите. Се жалат дека не добиле никаква помош од државата, иако тие се едни од најпогодените сектори. Немаше потреба од новата владина уредба, требаше само да има поголема контрола околу носењето на заштитни маски во јавниот превоз.
Од полицијата велат дека се постојано на терен и контролираат, пред сѐ дали се носат заштитни маски, а од денеска и дали се почитува владината уредба за ограничување на патниците во јавниот превоз.
Ова е трета владина уредба во однос на ограничувањето на бројот на патниците во јавниот превоз. Во Тетово неколку месеци поради зголемен раст на бројот на заразени пациенти со Ковид- 19, беше воведена и целосна забрана за возење на комби превозниците и такси компаниите.
Зоран Димовски
