Расте бројот на новозаразени, болниците полни
12 починати и 641 новозаразен за 24 часа. Скопје и натаму најголемо жариште. Во Инфективната клиника нема слободни кревети. Активирана и модуларната болница...

Речиси секојдневно во ковид- статистиката црни рекорди. За 24 часа починале 12 пациенти, тројца од Скопје, по двајца од Прилеп, Велес и Гостивар, и по еден од Куманово, Струмица и Свети Николе. Најмладиот што ја загуби битката со коронавирусот е на возраст од 43 години. Преостанатите се од 52 до 85 години.
Од направени 2.688 тестирања, регистриран е 641 нов случај на Ковид-19. Скопје и натаму е најголемо жариште. Институтот за јавно здравје регистрира 233 оздравени пациенти.
Вкупната бројка на ковид- дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 24.836, на оздравени пациенти е 17.905, а починале 862. Активни случаи се 6.069. Скопски Аеродром е на врвот со 592.
Болничките капацитети се полни. На Инфективната клиника нема слободни кревети. Активирана е модуларната болница. И другите инфективни одделенија низ земјава се речиси пополнети. Лекарите препорачуваат, пациентите со полесни симптоми да се лекуваат дома и да бидат во секојдневна комуникација со матичните доктори.
