САД

Трамп и Бајден ќе се соочат на последната дебата

22.10.2020 10:45

Во 90-минутната дебата, двајцата ривали пред телевизиската публика од десетици милиони гласачи, ќе зборуваат на темите за Ковид-19, американските семејства, климатските промени, националната безбедност и лидерство.

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот демократски опонент Џо Бајден, вечерва лице в лице ќе се соочат на последната претседателска дебата. На помалку од две недели до денот на изборите, Бајден е предводник во повеќето национални анкети и има потесна предност во државите на бојното поле, кои можат да одлучат за трката.

Во 90-минутната дебата, двајцата ривали пред телевизиската публика од десетици милиони гласачи, ќе зборуваат на темите за Ковид-19, американските семејства, климатските промени, националната безбедност и лидерство.

Досега гласаа повеќе од 42 милиони луѓе. Дебатата ќе почне во 21 часот по локално време и со нови правила. Се воведува таканаречен „нем микрофон“, откако на претходниот дуел соговорниците често се прекинуваа без да го почитуваат зададеното време за одговор, што резултираше со вербални напади и навреди.

Во меѓувреме, ФБИ соопшти дека Иран и Русија се мешаат во претседателските избори во САД. Според нив, двете земји собрале податоци од американски гласачи за да влијаат на претстојните претседателски избори.