Брегзит: ЕУ и Британија ги продолжуваат преговорите
Премиерот Џонсон ги напушти разговорите кон крајот на минатата недела, откако британските власти ги критикуваа заклучоците од самитот на ЕУ, за кои рекоа дека само Лондон треба да прави отстапки за да се постигне договор за идните трговски односи.

Велика Британија и Европската унија денеска попладне во Лондон ќе ги продолжат разговорите за трговија по Брегзит- потврди на Твитер британскиот преговарач Давид Фрост.
„Заеднички се согласивме за пакет принципи за оваа интензивна фаза на преговори“, рече портпаролот на британскиот премиер Борис Џонсон, кој истакна дека не постои гаранција дека преговорите ќе бидат успешни, но посочи дека Велика Британија смета дека договорот е најдобро решение.
И ЕУ, верува во позитивен исход. Доколку тоа не се случи и не се изнајде договор до крајот на годината, кога истекува преодниот рок, трговијата ќе се одвива според правилата на Светската трговска организација.
Премиерот Џонсон ги напушти разговорите кон крајот на минатата недела, откако британските власти ги критикуваа заклучоците од самитот на ЕУ, за кои рекоа дека само Лондон треба да прави отстапки за да се постигне договор за идните трговски односи.
Двете страни се обвинуваа последните денови и повикуваа на отстапки во преговорите, кои што од летото се речиси во ќорсокак.
