Расте бројот на заразени со Ковид-19, рекордни бројки во Европа
Расте бројот на заразени со коронавирус во светот. За првпат од прогласувањето на пандемијата, Германија бележи рекорден раст за еден ден- 10.000 нови случаи. И Италија со нов пик, Чешка го ограничи движењето.

Европската унија ја симнува Канада од белата листа поради влошената состојба со Ковид-19 во земјата. На канадските државјани им се забранува да патуваат во блокот, откако бројот на потврдени случаи во земјата се искачи на над 203.000. По Шпанија и Франција го надмина милионот со инфицирани од вирусот, Германија го регистрираше рекордот од почетокот на епиедемијата со над 10.000 новозаразени во едно деноноќие.
„Повторно доживуваме брз раст на бројките. Ако започне да расте експоненцијално, ситуацијата ќе излезе од контрола. Ве молам, немојте да бидете во заблуда, тоа може да се случи многу, многу брзо“, изјави Маркус Содер, премиер на Баварија.
СЗО соопшти дека за само една недела, на стариот континент се регистрирани 927 илјади нови случаи на Ковиид-19, што е за 25 насто повеќе споредбено со минатата недела. 38 проценти од вкупно пријавените случаи на глобално ниво се од Европа, а повеќе од половина бележат заедно со Русија, Чешка и Италија. Според Агенцијата за здравство на ООН само во Словенија бројот на нови случаи е зголемен за 150 насто во изминатите седум дена.
И додека Европа се соочува со вториот бран, азискиот пацифички регион се опоравува од последиците од корона кризата кои силно ја погодија текстилна индустрија.
„Ковид-19 имаше катастрофално влијание врз конфекционерите и претпријатијата. Сведоци сме на привремено, но и трајно затворање на фабрики, многу отпуштени работници и луѓе без приход. Оние што повторно отворија, отворија со преполовен капацитет. Платата се намали, но често и доцни“, вели Кристијан Виегелан, Меѓународна организација на трудот за Азија и Пацифик.
Увозот на големите земји што произведуваат облека од регионот, како Бангладеш, Камбоџа, Кина, Индија, Индонезија, опаднал до 70% во првата половина на 2020 година.
„Меѓународната координација за стимулативни пакети и мерки за олеснување на долгот треба да бидат во фокусот за да се осигураме дека закрепнувањето ќе биде одржливо, особено за земји со пониски примања“, изјави Аријана Роси, виш специјалист за истражување и политика.
ММФ предвидува закрепнување во 2021 година, но годинашниот пад на економскиот раст може да значи дека целосното закрепнување е далеку со години поради економските лузни што ги остава коронакризата.
Бојана Крстевски
