Градски превоз

Повеќе автобуси за да се намали опасноста од ширење на Ковид-19

22.10.2020 14:44

Граѓаните бараат повеќе автобуси за да се намали опасноста од ширење на коронавирусот. Од ЈСП тврдат дека на дел од автобуските линии се вклучени поголем број возила. Со отчитувањето на билетите се следи бројот на патници...

Заштитна маска, прописно растојание, половина исполнет капацитет во автобусите. Ова се мерките за заштита од Ковид- 19 кои треба да ги почитуваат и граѓаните и ЈСП.

Во изминативе денови скопјани бурно реагираа поради редуцираниот број на автобуси на ЈСП, откако во редици се обидуваа да влезат во автобусите за да стигнат на работните места. Велат, потребен е поголем број на автобуси за да се намали опасноста од ширење на вирусот.

Од Јавното сообраќајно претпријатие посочуваат дека во согласност со новите мерки на дел од автобуските линии се вклучени поголем број возила, особено на линиите 5,15, 2. Велат- се отчитуваат билетите и со тоа се следи бројот на патници во автобусите.

Поради пандемијата со Ковид- 19, Јавното сообраќајно претпријатие од месец мај воведе посебен режим на седење во градските автобуси, според стандардите во повеќе европски држави.

 

Дијана Ценевска