180 лица минатата година побарале бесплатна правна помош од државата
Бесплатна правна помош од државата најчесто се бара за семејни спорови, семејно насилство или имотни односи. Сепак за многумина сѐ уште е напознаница кои се нивните права и како може да им помогне државата. Од понеделник стартува кампањата „Бесплатна правна помош“...

Само 180 лица минатата година побарале бесплатна правна помош од државата. Од ресорното министерство посочуваат дека најголем дел од нив се за семејни спорови, семејно насилство или имотни односи. Сепак, за граѓаните овој вид помош и натаму е непознаница. Многумина немаат претстава со што сѐ може да им помогне државата во решавање на правните проблеми.
Законското решение нуди големи можности за правна помош и затоа министерството поддржано од Европската унија и од Советот на Европа од понеделник почнуваат кампања за да им помогнат на граѓаните во остварувањето на правото.
Претставниците на Унијата во земјава посочуваат - отстранети се сите можности за концентрација на предметите кај еден и ист адвокат. Распределбата на предметите се прави според ротација за да се избегнат влијанија. Државата ќе ги покрие трошоците на секој граѓанин кому му е потребна помошта иако веќе има ангажирано адвокат, доколку е во регистерот на адвокати кои се согласиле за обезбедување бесплатна правна помош.
Фиљана Кока
