Пад на економијата, раст на јавниот долг- земјава во најдлабока рецесија во последните две децении
Македонската економија годинава ќе ја заврши со пад од 4,1 насто. Во 2021-ва се очекува закрепнување и раст на 3,6 проценти . Јавниот долг ќе достигне над 60 насто- прогнозира Светската банка во најновиот извештај. Според експертите, доколку има карантин или изолација, шокот и негативните ефекти би биле помали...

Пад на македонската економија од 4,1 насто до крајот на годинава, јавен долг над 60 проценти – проектира Светската банка. Земјава се соочува со најдлабока рецесија во последните дваесет години, но во однос на земјите од регионот има умерено забавување на економската активност- оценуваат експертите. Пандемијата удри по сите сектори, ограничени движења, нарушени синџири на снабдување, кризата ќе ја зголеми невработеноста, сиромаштијата, доминираат надолните ризици, но мерките на Владата, стои во извештајот, ќе помогнат да се намалат последиците врз фирмите и работниците.
„Краткорочните изгледи за Северна Македонија се позитивни, но доминираат надолните ризици. Фазата на сузбивање на пандемијата сѐ уште не е завршена и продолжената пандемија, заедно со сѐ уште важечките мерки за социјално дистанцирање може уште повеќе да го одложи закрепнувањето“, вели Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија.
Евентуалните карантини и порестирктивните мерки нема да предизвикаат поголеми шокови, субјектите се прилагодени – сметаат експертите.
„Евентуален карантин ако се случи, ќе се случи декември или јануари, барам тоа е она што го планираат земјите членки на ЕУ. Она што го гледаме сега се парцијални карантини, порестриктивни мерки во одредени региони. Национални карантини како што имаше во март и април не би требало да има освен ако пандемијата не излезе од контрола“, вели Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист во Светска банка.
„И ако дојде до целосен карантин, шокот врз потрошувачите и фимрите не би требало да биде силен како во март и април затоа што и едните и другите имаа време од шест месеци да се навикнат на новата ситуација“, вели Бојан Шимбов, економист во Светска банка.
Банкарите од Вашингтон предвидуваат следната година економијата да закрепне, да постигне раст од 3,6 насто, а во 2022-та бруто домашниот производ да се позиционира на 3,5 проценти. Со рецесија се соочуваат сите регионални економии, најголем пад е проектиран кај Црна Гора и тоа 12,4 насто, Косово- 8,8 проценти, а најмал удар од минусни 3 отсто според Светската банка ќе има српската економија.
Сузана Фиданска- Стоевска
