Финансии

Компаниите погодени од кризата ќе добијат помош и за октомври, ноември и декември

23.10.2020 13:27

Работодавачите погодени од кризата, ќе добијат помош и за октомври, ноември и декември. Владата го усвои предлог-законот. Поддршката за исплата на плати до крајот на годината ќе биде од 14.500 до 21.776 денари...

Компаниите ќе добијат финансиска поддршка до 21.776 денари по вработен за исплата на плати за октомври, ноември и декември. Владата го усвои предлог- законот. За мерката можат да аплицираат фирми кои имаат пад на приходите од најмалку 30% во периодот од април до октомври, споредено со истиот период минатата година. Повеќе пари ќе добијат оние компании кои се потешко погодени од коронакризата. Ликвидноста на буџетот е во состојба да ги исплати сите обврски кои ги има државата, уверува заменик- министерот за финансии, Димитар Ковачевски, и покрај рецесијата и проекцијата на Светска банка за пад на БДП од 4,1 проценти.

Со мерките нема да бидат опфатени фирмите кои оствариле поголем профит од 10 милиони евра во последните три години. Оние кои ќе аплицираат не може да исплатуваат дивиденда и награда за деловна успешност или друг вид годишна награда до денот на исплата на платата за декември. Работодавачите кои користат финансиска поддршка, бројот на вработени не смеат да го намалуваат до февруари.

Предвидени се и даночни измени. Од 1-ви јануари ќе се применува повластена даночна стапка од 10% за продавањето храна и пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци. Од 1-ви јануари ќе има и ослободување од данок на додадена вредност за донации дадени кон буџетски корисници за справување со коронавирусот.

Ана Јосифовска- Тодоровска