САД

Трамп и Бајден се соочија на последната дебата пред изборите на 3-ти ноември

23.10.2020 12:21

Претседателот на САД Доналд Трамп и поранешниот потпретседател Џо Бајден се соочија на последната дебата на помалку од две недели пред изборите на 3-ти ноември. Во фокусот коронавирусот, расните прашања, плаќањето даноци...

Со посебни здравствени протоколи, на десетина дена пред изборите, двајцата кандидати за првото столче во Белата куќа, во Нешвил ја одржаа последната претседателска дебата. Демократот Бајден со жестоки критики за менаџирањето со пандемијата. Републиканецот Трамп тврди дека најлошото поминало, вакцината е подготвена и ќе се дистрибуира во текот на следните неколку недели.

Учиме да живееме со вирусот. Не можеме да се заклучиме во подрум како што тоа го прави некој. Мора да закрепнеме, не можеме да ја затвориме нашата нација. Не сум виновен што дојде до ова. Грешката е во Кина. Тие не го спречија вирусот да се прошири во светот“, изјави Трамп.

Претседателот Трамп е оптимист дека САД ќе ја надмине кризата. Предупреди дека Бајден би ја парализирал земјата доколку се случат натамошни затворања. Многу луѓе би ја изгубиле работата, а со тоа би се зголемила и стапката на самоубиства. Бајден, пак, негираше дека би спровел целосен карантин, туку дека има план за справување со Ковид-19. Според него, без лошото менаџирање, многу заболени Американци се уште би биле живи.

220 илјади починати! Секој што е одговорен за толку многу смртни случаи не треба да остане на позицијата претседател на САД. Ние сме во ситуација кога претседателот се уште нема план за борба против пандемијата, а се заканува мрачна зима“, нагласи Бајден.

Расизмот беше уште едно горливо прашање меѓу двајцата опоненти. Во САД се уште владее нееднаквост, изјави Бајден, додавајќи дека Трамп дотура масло на секој одделен расистички оган. Трамп пак, тврдеше дека за афроамериканците направил повеќе од било кој претседател пред него, со исклучок на Линколн.

Факт е дека во Америка постои институционален расизам. Ние мора да обезбедиме економски можности, подобро образование, здравствена заштита и пари за почнување деловни активности“, нагласи Бајден.

Вие бевте потпретседател пред четири години. Постојано зборувате за сите овие работи што ќе ги правите и вие момци не направивте ништо. Ако мислев дека тогаш си завршил добра работа, никогаш немаше да се кандидирам“, возврати Трамп.

Двајцата претенденти за Белата куќа вербалната битка ја продолжија и за мешањето на Русија во изборите, националната безбедност, здравственото сосигурување, состојбата со Северна Кореја. За разлика од првата дебата кога Трамп и Бајден си упаѓаа во збор, сега меѓусебното нетрпение се обидоа да не го покажуваат пред камерите.

 

Маријана Димовска