Се пополнуваат болничките капацитети, ќе се воведат повеќе термини за тестирање

25.10.2020 10:26

Се пополнуваат болничките капацитетите за сместување на пациенти заболени од Ковид-19 во сите градови во земјава, а постепено се полни и модуларната болница во Скопје изминатите денови...

Се пополнуваат болничките капацитетите за сместување на пациенти заболени од Ковид-19 во сите градови во земјава, а постепено се полни и модуларната болница во Скопје изминатите денови. Четиристотини и четири новозаболени од Ковид -19 се регистрирани вчера во земјава. Вчера биле направени 1.524 тестирања, починати се 14 лица, сите биле хоспитализирани. Институтот за јавно здравје вчера регистрира 182 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 26.394, бројката на оздравени пациенти е 18.430, на починати е 897, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 7.067.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека покрај капацитетите во другите градови и болниците во Скопје се преполнуваат со ковид-пациенти.

Заради исполнетите капацитети за сместување на ковид-пациенти во целосна координација сме за префрлање на пациенти од штипската болница во Кочани, а во Струмица, разговаравме за тоа како да се надополни кадарот, пред се, од колегите од интерна медицина и инфективното одеделение. Разговаравме и како постепено да се подготви и новото крило на болницата, кое е што е целосно опремено со кревети и со централен довод на кислород и за неколку денови може да биде ставено во функција, рече министерот за здравство за време на вчерашната посета на Струмица.

Истакна дека во новото болничко крило има стотина кревети, но треба соодветно да се распредели кадарот.

Притисокот е навистина голем и искрено се надевам мерките кои ги препорачавме ќе придонесат да се намали трансмисијата на вирусот. Гледаме дека во цела Европа се преполнуваат практично болничките капацитети. Тоа е што сите земји сакаме да го избегнеме. Тоа беше разговарано на состанокот пред два дена во рамки на Берлинскиот процес чија цел е да се избегнат целосните „лок дауни“, подвлече Филипче.

Информираше дека и болниците во Скопје се преполнуваат со ковид-пациенти, а постепено се полни и модуларната болница во Скопје.

Се прават подотовки за болницата во Козле и дополнитени капацитети во болницата „Осми Септември“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Уште еднаш потенцираше дека сегашните мерки, кои сега се на сила, имаат за цел да лимитираат некаква форма на полициски час, односно лимитирање на контактите, носење на маски и избегнување на групирање.