Виртуозната Алена Баева ќе настапи во Филхрамонија

26.10.2020 10:26

Алена Баева брзо се етаблира како една од водечките виолинисти на својата генерација, со веќе завидна кариера зад себе и настапи со најдобрите светски оркестри и диригенти. Добитничка е на многу награди, а нејзиниот репертоар опфаќа повеќе од 40 концерти за виолина и оркестар.

Филхармонија в четврток ќе одржи концерт на кој како солистка ќе настапи една од најдобрите виолинистки на светската музичка сцена – Алена Баева од Русија. Со оркестарот ќе диригира Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Концерт за виолина и оркестар во де-мол, оп. 23 од Роберт Шуман и Симфонијата број 4 од Л.В.Бетовен.

Алена Баева брзо се етаблира како една од водечките виолинисти на својата генерација, со веќе завидна кариера зад себе и настапи со најдобрите светски оркестри и диригенти. Добитничка е на многу награди, а нејзиниот репертоар опфаќа повеќе од 40 концерти за виолина и оркестар. Покрај честите телевизиски и радиопреноси на нејзините настапи низ Европа, Азија и Северна Америка, исто така, таа има и завидна дискографија која содржи дела од Брух, Шостакович, Шимановски, Дебиси, Пуланк, Прокофјев итн.

Етаблираниот диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф- диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар.

Концертот за виолина и оркестар во де-мол, оп.23 е единствениот што го напишал германскиот романтичар Роберт Шуман (1810 – 1856). Концертот останал неоткриен речиси 80 години откако бил создаден. Делото има три става и во него поеќе се чувствува класичниот манир на неговата подоцнежна музика сублимирана во „Рајнска симфонија“ отколку поетскиот и страстен стил во неговите рани дела.

Многу често маргинализирана, Симфонија бр. 4 од Лудвиг ван Бетовен (1770 – 1827) „живее“ во сенка на подинамичките Трета и Петта симфонија. Напишана по монументалната „Ероика“, хронолошки, но не и во силот, Симфонија бр. 4 е многу поблиска до класичниот стил на првите две симфонии отколку романтичарскиот и подраматичен контекст на подоцнежните оркестарски дела на Бетовен. Иако со векови живее потисната меѓу две симфониски ремек-дела, Четвртата симфонија совршено го рефлектира раниот класичарски дух на Бетовен, неговата јасна и прецизна мисла и префинето чувство за креирање боја и оркестарски колорит.