Изложени македонските проекти- претставници на Венециското Биенале
За првпат на едно место се прикажани петте проекти од Република Македонија кои беа дел од манифестацијата во чии рамки на секои две години се презентираат архитектонски трудови од целиот свет...

Во присуство на многубројни гости, професори и архитекти, во Музејот на град Скопје вчера свечено беше отворена изложбата на проектите со кои Република Македонија во изминатата деценија се претстави на најпрестижниот светски настан од областа на архитектонското творештво – Биеналето на архитектурата во Венеција.
Изложбата, на која за првпат на едно место се прикажани петте проекти од Република Македонија кои беа дел од манифестацијата во чии рамки на секои две години се презентираат архитектонски трудови од целиот свет, ја отвори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
„Пред нас се делата на македонските автори кои имаа можност, рамноправно со уметниците од целиот свет, да ги претстават нашите архитектонски достигнувања и креативни идеи пред европската и светската јавност. Преку учествата на Венециското биенале, Република Македонија се етаблираше во меѓународниот културен контекст и стана видлива како земја која поседува голема креативна моќ, земја на автори кои имаат изразени, сопствени ставови со кои се афирмираат македонската архитектура и култура во светот“, рече Канческа-Милевска.
На првото учество во 2004 година, Република Македонија го претстави проектот „Метаморфоза: од хипер тело до инверзна перспектива“, а потоа следуваа: „Град на можни светови“ (2006, кога стручното жири му додели Специјално признание на македонскиот павилјон); „Метамак отсечоци“ (2008); „Учење архитектура“ (2010) и „Архитектура во огледало: секојдневно и возвишено“ (2012).
Изложбата ќе биде поставена до 6 април 2014 година.
