Здравство

Недостигаат медицински персонал и легла во струмичката болница

26.10.2020 15:44

Има ли доволно медицински персонал или дали воопшто се подготвуваат леглата во новите одделенија? Ваквите активности сѐ уште не се почнати во струмичката болница, а во гевгелиската, во општината со драстичен скок на новозаболени, нема ниту инфективен оддел...

Спратот е присособен и за централен довод на кислород, се местат леглата , се оспособува целиот простор, каде според министерот Филипче, треба да има околу стотина легла. Првиот кат од новиот дел ќе биде наменет за лекување на ковид пациенти од Југоистокот. Нашата екипа, денес беше во новиот крак, ама таму место за стотина легла не видовме. Можеби и не се проблем леглата, туку кој ќе ги лекува пациентите?! Од болничкото раководство постојано апелираат дека проблем е песоналот.

Проблем со сместување на новозаразени има и Гевгелија. Таму општината сама се заложи да помогне да се догради дел од општата болница со цел да се приспособи простор за новопозитивните. Гевгелиската болница нема ниту Инфективно одделение , а лекарите секојдневно апелираат на почитување на мерките, ама бројките велат дека никој не ги слуша.

Министерот Филипче денес на прес- конференција истакна дека мора лекарите од интернистичките одделенија да се мобилизираат и да ротираат со инфектолозите. Во струмичката болница веќе се донесени двајца лекари на помош на колегите, ама останува отворено прашањето- колку струмичката болница е спремна да одговори на задачата - Регионален ковид центар?

 

Стојне Митева