Прилеп

Пандемијата бара славите да бидат без гости

26.10.2020 16:08

Како град со долги традиции, Прилеп годинава ги менува адетите за славите. Нема домашно осветување на славскиот леб, туку в црква, со сите мерки. Ниту канење гости. Ова го нагласуваат и надлежните и домаќинките кои од изутрината беа в храмовите...

Со преку 300 активни и над 1.000 заразени од почетокот на пандемијата, со полни болнички капацитети и редици за тестирање, надлежните во Прилеп константно  бараат - да се почитуваат мерките за заштита и што е најбитно, да нема собирања. Особено зашто почнуваат зимските слави. Во очекување на повеќе термини за тестирање, од Центарот за јавно здравје посебно нагласуваат - граѓаните да не се збираат на слава. Адетите да си останат дома.

Спроти Петковден, првата зимска слава за околу 1.000 прилепски семејства, адетите за првпат годинава се в црква. Така е и за прилепчанката Jожица Стеваноска која за куќната слава, со генерации во семејството, дојде в црква да го подигне лепчето. За здравје, оти тоа е најважно. Дома нема да кани гости.

Домаќинките се категорични, традицијата ќе продолжи, ама во поинакви времиња. Скромно. Во Прилеп за првпат нема да се оди по домовите да се осветува. Tака ќе биде со сите зимски слави.

Утре, на Петковден се очекува Парламентот да донесе нови мерки.

 

Елизабета Митреска