Куманово: Се прави план за работата на општината

26.10.2020 16:16

Општина Куманово го изготвува планот за реорганизација на секторите и одделенијата, откако Владата поради здравствената состојба одлучи дека администрацијата може да работи онлајн или во смени. Надлежните велат дека не можат да стават клуч на општината, туку мора да обезбедат услови со кои непречено ќе се одвиваат услугите кон граѓаните. Кумановци пак со поделени мислења. Дел сметаат дека администрацијата може да работи од дома, други пак велат ќе доцнат постапките.

Есенскиот бран на Ковид -19 не го одмина ниту Куманово. Бројот на зaболени секојдневно расте. Во моментов активни се над 300 случаи. Поради сериозната здравствена состојба Владата на администрацијата, и препорача да работи онлајн или да ја организира работата во смени. Кумановската општина на ниво на сектори и одделенија веќе изготвува план за реорганизација и работа во ковид услови. Но, од таму укажуваат дека и покрај ваквата состојба, не може да се стави клуч на општината, туку мора да се обезбеди функционалност.

Моја обврска како градоначалник е првенствено да обезбедам минимум функционалност на органите со кои што менаџирам, општината да може непречено да дава услуга на граѓаните.  Доколку се имплементира ваквата одлука како што е донесена во целост, затоа и е дадена во форма на препорака тогаш ние треба да и ставиме клуч на општината и истата треба да не функционира бидејќи не постои стопроценен начин за заштита“, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.

Од кумановската општина потенцираат дека ќе се внимава и во однос на физичкото отсуство на поединци, вработени во општината, бидејќи тоа создава проблеми во работната организација.

Граѓаните пак со поделени мислења, некои сметаат дека администрацијата може да работи од дома, други пак велат ќе доцнат постапките.

„Кога не се тука не може да функционира, како може суд од дома да функционира треба да се види странката која се суди, поинаку не бива“, вели еден кумановец.

Како може да работи од дома кога странката треба да дојде да подигне документи, што има можности да се работи онлајн нема проблем, доколку не трпи обичниот народ, доколку трпи не може така“, нагласува повозрасен граѓанин.

Нека си работи службата, но само на дистанца, нека има простор, маски , замине човек за документ, кој ќе му даде не може да извади“, вели трет кумановец. 

Куманово беше меѓу најпогодените градови во првиот бран од коронавирусот. Од почетокот на пандемијата регистрирани се над 2.000 заболени.

 

Елена Георгиевска