Над 43 милиони заразени, повеќе од милион жртви од Ковид-19 во светот
Светот не може да ја запре пандемијата. Над 43 милиони заразени и повеќе од еден милион жртви на смртоносниот вирус. Европа воведува ограничени движења, загрижува состојбата во Чешка, Словенија, Хрватска, Италија, Шпанија. Самоизолацијата станува секојдневие...

Ескалира сосотојбата со ковид-19 во регионот. Црни рекорди секојдневно се впишуваат во здравствената статистика, властите ги заоструваат мерките, откако во голем дел од земјите процентите на позитивни во однос на тестирани е 30, или над 30 насто. Чешкиот премиер повторно го повика народот да ги почитува мерките, откако првпат во една недела, вчера беа евидентирани помалку од 10 илјади новозаболени, но и над 2.200 мртви.
„Се надевам дека луѓето што тврдеа дека ковид-19 не постои, ќе разберат дека ѓаволот ја однел шегата. Правилата мора да се почитуваат, статистиката е катастрофална и само чудо може да ја спаси земјата од натамошно затворање и заострување на мерките Следната недела ќе биде клучна“, изјави чешкиот премиер, Андреј Бабиш.
Над илјада новозаболени во едно деноноќие регистрира и Словенија. Во наредните седум дена во земјата се ограничува движењето надвор од општините. Опасна станува и ситуацијата во Германија. Канцеларката Меркел предупреди дека сегашните мерки против ширење на коронавирусот не се доволни и постои опасност од преоптоварување на одделенијата за интензивна нега во болниците. Тие веќе забрзано се пополнуваат во Франција.
„Не загрижува тоа што доаѓа време кога ќе имаме повеќе трпение отколку кревети“, вели д-р Жилем Тиери, шеф на болница.
Се заоструваат мерките и во Италија. По полицискиот час и дводневните протести во Неапол и Рим, властите решија да ги затворат сите барови и ресторани до 18 часот, а спортските сали, кината и јавните базени да се затворат целосно за да се сузбие повторното ширење на коронавирусот во земјата.
„Со затворањето во 18 часот ни ги одземате и овие 20 луѓе кои беа наш кислород за да продолжиме да дишиме во овој период на пандемија.“
„Ќе затвориме, но со гаранции. Ако сакаме да го победиме вирусот, единствен начин е да затвориме, но најпрво помошта, и по помошта, затворање.“
Во Русија регистриран нов рекорд во последните 24 часа- над 17 илјади новозаразени. Ситуацијата е тешка, но под контрола- тврдат властите.
„Со цел да обезбедиме третман на сите граѓани, отвораме дополнителни болници. Тоа ќе ни овозможи да го одржиме стабилен системот на медицинска нега“, вели Сергеј Собјанин, градоначалник на Москва.
Според експертите, вториот бран на пандемијата може да биде далеку поубиствен од првиот, имајќи ги предвид активностите на населенијата во затворен простор.
Бојана Крстевски
