Нови крвопролевања во Украина
Притисокот расте и на политичката сцена. На шестата седница за Украина, Советот за безбедност на Обединетите Нации повторно не донесе никаква одлука...

48 часа пред референдумот за независност на Крим, нови крвопролевања во Украина, за време на паралелни митинзи во Донецк. Загина еден човек, а 16 се повредени кога проруските демонстранти го пробиле полицискиот кордон кој ги делел двете групи.
„Го претепаа до смрт, не знам точно со што, но доволно е да ви покажам еден предмет за да сфатите како ги решаваат проблемите овде“, вели очевидец.
Притисокот расте и на политичката сцена. На шестата седница за Украина, Советот за безбедност на Обединетите Нации повторно не донесе никаква одлука. САД поднесоа нацрт-резолуција со која гласањето за независност би се прогласило за незаконско.
„САД предлагаат Советот да размисли за резолуција која ќе поддржи мирно решавање на украинската криза, базирано на меѓународното право и мандатот на Советот да дејствува кога е неопходно за глобален мир и безбедност“, изјави Саманта Пауер, претставник на САД во СБ на ОН.
Русија најави вето на предлогот, па гласањето беше одложено. На седницата учествуваше и преодниот премиер на Украина, кој ја обвини Москва за воена агресија.
„По руската акција ќе биде тешко да се убеди кој било во светов да нема нуклеарно оружје“, рече преодниот премиер на Украина, Арсениј Јаценјук.
„Русија и Русите не сакаат војна, а убеден сум дека не сакаат ни Украинците. И сакам да нагласам дека со ниеден факт ситуацијата не може да се дефинира така“, изјави Виталиј Чуркин, претставник на Русија во СБ на ОН.
Западните дипломати се надеваа дека Кина, која и се придружи на Русија во три вета за Сирија, овој пат ќе се дистанцира од Москва, но кинескиот амбасадор само ги повика двете страни на воздржаност и дипломатско решение на кризата. Денеска во седиштето на НАТО треба да се одржи вонреден состанок на Партнерството за мир на кој е поканета и Москва. Министрите за надворешни на Русија и на САД, Лавров и Кери, денес ќе се сретнат во последен обид да ја деескалираат ситуацијата.
Ивана Салтировска
