Рекордни бројки на заразени и починати од Ковид-19 во Европа

27.10.2020 13:59

Чешка воведе седумдневен полициски час , во Италија протести против новите мерки за заштита од коронавирус. Цела Европа урива рекорди со бројот на новозаразени и починати од ковид. Расте притисокот врз болничките капацитети...

Состојбата со Ковид-19 во Европа не стивнува. Голем број држави објавија рекордни бројки за заразени и починати. Расте притисокот врз болничките капацитети и здравствените работници. Според главниот експерт за итни случаи на СЗО, Европа заостанува зад вирусот, а инфекцијата е широко распространета.

Во моментов ние сме далеку зад вирусот во Европа. Можеби ќе треба забрзано да преземеме посеопфатни мерки. Искуството од другите земји говори дека треба да ги следиме препораките, да се прави надзор за јавно здравје, да се следат контактите, ангажманот на заедницата и поддршката на луѓето во карантин“, изјави д-р Мајк Рајан – директор на програмата за итни здравствени случаи.

И покрај растечкиот број на заболени и хоспитализирани во Европа, од организацијата во Женева се надеваат дека земјите не мора да влегуваат во национални карантини.

Можеме да избегнеме национални блокади и масивни ограничувања на движењето доколу секој ја игра својата улога. Почитувањето на препораките е една од жртвите што секој од нас треба да ја даде“, вели д-р Марија Ван Керхов- технички раководител на СЗО за Ковид-19.

Според бројот на заразени на дневно ниво во моментов најпогодена е Чешка. Владата од утре воведува седумдневен полициски час од 21 до пет часот наутро. Се ограничува и работата на продавниците. Белгија, пак е на второ место по најмногу случаии во едно деноноќие. Здравствените капацитети се пред сериозен тест во неколку града. Шпанија и покрај превентивните мерки и полицискиот час и натаму бележи раст на новозаболени.

Ќе видиме како ќе се развива пандемијата. Ако продолжи да се зголемува бројот на нови слуачии во текот на наредните недели, во ноември да бидеме во ситуација на колапс. Во обид да се справиме со коронавирост, ќе мора да го ограничиме нормалното функционирање на болниците“, изјави Фернандо Симон- здравствена координација за итни случаи на Шпанија.

Состојбата со пандемијата е немилосрда и во Франција, Германија, Италија. Во неколку италијански градови се одржаа протести против ограничувањата на работното време на баровите, рестораните, киносалите и театрите. На неколку собири демонстрантите се судрија со полицијата.

Во светот и натаму први на листа се САД, Бразил и Индија со најголем број на заразени и починати од Ковид-19. На другата страна од земјата, по повеќе од три месеци рестрикции, животот во вториот град по големина во Австралија полека се враќа во нормала.

 

Маријана Димовска