Половина од невработените во Велес извршиле пререгистрација

14.03.2014 10:59

Скоро половина од невработените во Велес корисници на бесплатно здравствено осигурување досега во Фондот за здравство извршиле пререгистрација. Досега изостануваат гужвите пред шалтерите, од Фондот велат, невработените ја увидоа минатогодишната грешка, не се чека последниот ден за поднесување на пријава...

Од вкупно 8.300 осигуреници во Фондот за здравствено осигурување во Велес, обврската за пререгистација ја завршиле 3.800. Поднесувањето на пријави кои за невработените се доказ дека минатата година не оствариле приход, годинава оди брзо, на шалтерите скоро и да нема чекање.

Осигурениците доаѓаа рамномерно преку целиот работен ден, не се прави гужва,  процедурата е лесна оти се повторува веќе две три години“, рече Анде Марковски, раководител на ФЗОМ Велес.

До крајот на овој  месец  невработените кои нема да се пререгистрираат ќе бидат  избришани од евиденцијата за добивање на бесплатно здравствство, вели Марковски. Тој апелира до невработените, особено до оние кои имаат потреба од медицински помагала овој рок задолжително да го запазат.

„Има за последица одредено губење на одредени права тоа се правата на ортопедски помагала за кои во законот се бара задолжително шест месечно континуирано осигурување“, вели Марковски.

За да  се искористи правото на бесплатно здравство потребно е лицата кои се водат како невработени минатата година да не оствариле приходи поголеми од 96.000 денари.

Шалтерите во Фондот за здравствено осигурување во Велес работат само прва смена, но од таму велат доколку има потреба последните денови, овие шалтери ќе работат двосменски.

 

Дијана Иванова