Сцена

Дина Јашари – Бои: Минимализам во музичката, а тежина во емотивната експресија

28.10.2020 12:18

Доколку сте ја преслушале музиката на Дина Јашари ќе се согласите дека основна асоцијација и исклучително силен музички адут на оваа млада артистка е нејзината способност емотивно да го обои секој отпеан тон. Една година по нејзиното последно музичко парче „Зборови“, ја слушаме со „Бои“...

Доколку сте ја преслушале музиката на Дина Јашари ќе се согласите дека основна асоцијација и исклучително силен музички адут на оваа млада артистка е нејзината способност емотивно да го обои секој отпеан тон. Една година по нејзиното последно музичко парче „Зборови“, ја слушаме со „Бои“.

Музиката и текстот ги напиша сама, додека за музичката продукција работеше заедно со Драги Иванов. За песната вели дека ѝ била емоционално најтешка до сега.

„Зборувам за блиска личност што веќе ја нема, неговите бои се сѐ што ми остана. Израз на сето она што го чувствувам во овој период од животот. Драги ме охрабри да ги допишам стиховите што почнав да ги пишувам за на крај заедно да стигнеме до аранжманот кој “Бои” го доби. Сѐ започна кога јас седејќи сама во мојата соба се обидов да си ги средам мислите, а во близина имав инструменти, микрофон и компјутер. После една недела отидов со кратка демо снимка кај Драги и останатото е историја. Магични работи се случуваат кога си искрен и кога се обидуваш тагата да ја претвориш во некаква форма на уметност. Ако треба со еден збор да опишам што мене ми значи Бои, ќе го одберам зборот – терапија“, вели Јашари.

Сирова и искрена, но и многу вешта во играта со зборови, Дина Јашари лесно успева да допре до срцата на своите слушатели и да ги однесе во некои далечни места, длабоко под површината на нештата. Оваа умешност остава простор публиката да ужива во нејзиното дело дури и апстрахирано од музиката, во форма на поезија проткаена со многу стислки изразни средства, што зборува за поетскиот потенцијал на Дина.

Целејќи кон тоа токму текстот да е во преден план, Дина Јашари вели дека при создавањето на аранжманот на “Бои”, музиката е ставена во функција на текстот, односно градена е околу него со цел да акцентира, да направи тензија околу стиховите или пак да ги смири.

„Стилски песната природно си го најде својот пат. Правењето музика е многу непредвидливо, нема конкретни правила и редослед, често пати не знаеш во која насока одиш, но после многу обиди можеш да стигнеш до нешто многу убаво што едвај чекаш да го споделиш со другите“, вели Јашари.

Со своите „Бои“, Дина Јашари сама отслика и видео запис во кој се фокусира на боите околу себе и како што вели си дава предизвик да се радува на мали убави нешта. Видеото е снимено со мобилен телефон, а монтажата е дело на Сара Панковска.

Јана Бурческа