Бугарија сѐ уште не открива дали ќе ја блокира првата меѓувладина конференција
Додека Брисел интензивно работи на усвојување на преговарачката рамка, Бугарија сѐ уште не открива дали ќе ја блокира првата меѓувладина конференција. По средбата кај Османи, амбасадорот Ангелов само потврди дека постои декларација во бугарскиот параламент. Германија со поддршка за државава, но со став дека не се меша во билатерални прашања. По средбата со дипломатите Османи оцени - договорот е добра платформа за остранувања на сите недоразбирања...

Бугарија сѐ уште не открива дали ќе го блокира одржувањето на првата меѓувладина конференција, со што и официјално почнуваат преговорите на земјава со ЕУ. Бугарскиот амбасадор избегна директен одговор, велејќи дека Софија во моментов е сконцентрира на завршувањето на копретседателството со Берлинскиот процес заедно со Северна Македонија. Сепак истакна дека постои декларација во бугарскиот парламент и дека усвојувањето на преговарачката рамка со конзенсус е проблем на ЕУ.
„Бугарија не може да ја измени позицијата зашто има декларација на Парламентот и одлука на Владата. А што се зборува внатре во Европската унија е проблем внатре на ЕУ во Брисел. Не е наш проблем“, изјави бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов.
За разлика од бугарскиот дипломат, германската амбасадорка е оптимист дека до крајот на германското претседателство со унијата, Северна Македонија ќе ја одржи меѓувладината конференција. Холштајн додаде дека унијата не се меша во билатерални прашања.
„Сите вмешани вклучувајќи ја и Република Бугарија отсекогаш биле силни поддржувачи на европизацијата на целиот регион. И во интерес на Бугарија е да го зачува угледот како силен поддржувач на регионот. Лично мислам дека ова ќе се случи“, изјави германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн.
Шефот на дипломатијата Османи појасни дека секојдневно се разговара со бугарските претставници околу толкувањето на Договорот за добрососедство. Вели договорот е добра платформа за отстранувања на сите недоразбирања што се појавија во Софија.
Деновиве Брисел интензивно разговара за усвојувањето на преговарачката рамка. Повици и од еврокомесарот за проширување Вархеји до Бугарија да не ја кочи евроинтеграцијата на регионот.
Ставот на Бугарија ќе биде појасен по 10-ти ноември кога официјално ќе се одржи Самитот на Берлинскиот процес во Софија.
Ирина Гелевска
