Локалната власт во Гевгелија бара поддршка од локалните компании

28.10.2020 13:27

Гевгелија се мобилизира, градоначалникот Поцков јавно бара поддршка од локалните компании за финансиска помош со цел опремување на адаптираните простории за лекување на позитивни од Ковид- 19. Поради влошената епидемиолошка состојба неминовна е целосна мобилизираност и засилена контрола за примена на донесените заштитни мерки и протоколи од страна на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Градоначалникот на Гевгелија со јавен апел бара од локалните компании да покажат општествена одговорност и да донираат финансиски средства на сметката за донации на Општа болница- Гевгелија поради потребата од соодветна апаратура за третман на заболени лица од корона вирус. Барањето за помош и поддршка доаѓа од директорот на болницата д-р Крџев кој го информираше Општинскиот штаб дека на новоадаптираните одделенија веднаш им се потребни десеттина конектори за оксигена терапија, монитори, ЕКГ апарати и кислородни боци, чија набавка е отежната.

Гевгелија по загрижувачките бројки донесе и одлука за формирање на граѓански патроли од страна на месните заедници, кои ќе контролираат дали и колку граѓаните и правните субјекти во населените места ги почитуваат заштитните мерки. Евидентираните прекршоци се должни да ги пријават во Општинскиот штаб, а членовите кои се надлежни ќе ги санкционираат.

Од гевгелиската болница информираат дека поради зголемениот број на заболени пациенти од Ковид- 19, се наметна потребата од итно проширување и преадаптирање на дел од болничките одделенија. Во завршна фаза е доградбата на дневниот прифатен центар, во кругот на општата болница, каде што досега се врши тестирање на пациентите, за обезбедување на осум болнички кревети за пациентите кои примаат дневна терапија до добивањето на резултатите.

 

Стојне Митева