Судство

Вкупно 10 години затворска казна за проневера на 850 илјади евра од касата на УБК

28.10.2020 15:27

Кривичниот суд во Скопје изрече шестгодишна казна затвор за поранешниот началник во Управата за безбедност и контраразузнавање, Тони Јакимовски во предметот за проневера на 820 илјади евра од специјалната каса во УБК. Падна и уште една затворска казна за Стево Маџовски, вработен во Управата, како и една ослободителна пресуда. Странките имаат право на жалба до Апелација.

Јакимовски и Маџовски за злоупотреба на службената положба добија вкупно 10 години затвор. Според пресудата, обвинетите во периодот од 2007 до 2017 година во 172 наврати подигале парични средства за потребите на касата за исплата за посебни намени за УБК.

Судот утврдил дека евиденцијата за потрошените парични средства се уништени, заедно со документацијата за исплата, но, без за тоа да постои посебно одобрение и да биде формирана комисија за уништување на материјална документација. Го оштетиле буџетот за 50 милиони и 670 илјади денари.

Обвинителката не е задоволна од ослободителната пресуда. Најави жалба до Апелација.

Предходно, за истото дело, три години казна затвор судот му изрече на Петре Пешовски поранешен вработен во УБК, кој ја призна вината.

 

Наташа Гркова- Петрушевска