Усвоен законот за антидискриминација, се бара брз и транспарентен избор на комисијата

28.10.2020 16:03

Невладините побараа брз и транспарентен избор, власта ги повика експертите за заштита на човекови права да конкурираат за членство во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Реакции и очекувања откако законот го помина собранискиот филтер.

По усвојувањето на Законот за антидискриминација, невладините со повик да се објави јавен оглас за избор на членовите на Комисијата. Оттаму велат дека решението е изгласано без амандманот на членот 18, што предвидуваше постапката да биде иста како и кога се вршеше изборот на Државната комисија за спречување на корупцијата, при што кандидатите имаа јавни интервјуа во Собранието. Хелсиншкиот комитет предупреди дека се уште постои сомнеж дека изборот на членовите на Комисијата ќе зависи од партиски договор, па затоа се бара поголема јавност.

„Следен чекор, кој е неопходно што побрзо да се случи е отпочнување на процесот за формирање на нова, независна, стручна и професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација. За таа цел, апелираме Собранието на Република Северна Македонија после стапувањето на законот во сила, во најкус можен рок да објави јавен оглас за избор на членовите на Комисијата“- велат од Хелсиншкиот комитет.

Министерката Шахпаска, пак, со повик до сите експерти од областа на човековите права да конкурираат за избор во Комисијата за спречување и ширење дискриминација. Владата уверува дека постапката ќе биде транспарентна и ќе се изберат најдобрите. Огласот треба да биде објавен во рок од 15 дена од стапувањето на сила на Законот. 

Од владејачкото мнозинство уверуваат дека се обезбедува ефикасна регулатива за заштита од секаков вид дискриминација.

Овој Закон е еден од клучните кои ги бара Европската унија. Немањето заштита од дискриминација беше нотирано и во Извештајот за напредокот на земјата. Со Решението се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, политичко уверување или која било друга основа. Собранието синоќа го донесе Законот откако претходниот беше укинат во мај со одлука на Уставниот суд, бидејќи не бил донесен со потребното мнозинство.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска