Аерозагадувањето високо, најкритични вечерните часови
Аерозагадувањето е повторно високо. Најкритични се вечерните часови. Освен во Скопје, загаден воздух дишат и граѓаните на Куманово, кои се жалат на непријатна миризба и чад. Екологистите барат брза реакција, строги контроли на можните загадувачи, едукација на граѓаните.

Кумановци последниве денови се гушат во загаден воздух. Мерната станица покажува висока загаденост. Концентрацијата на ПМ 10 честичките стигна и до 250 микро грами на метар кубен. Граѓаните кои што деновиве отежнато дишат велат маските во моментов не штитат од коронавирусот, но и од аерозагадувањето.
„Може и од возила да е бидејќи секое возило не е како што треба испушта гасови, моторите, мириса“, вели еден граѓанин.
„Има многу сиромашни луѓе, не со дрва и струја туку со гуми се грејат“, вели друг граѓанин.
Екологистите сметаат дека за решавање на овој проблем е потребна поенергична реакција, строги контроли на можните загадувачи, но и едукација на граѓаните. Велат индустријата, автомобилите, градбите, но и несоодветното затоплување на огревно дрво, придонесуваат за аерозагадувањето.
„Јас лично веднаш би донела правилник за огревно дрво. Тоа функционира во светот. Не можеме и кој и да е не може веднаш да пресече ќе се занимаваш со тој бизнис, но ќе имаш сушара ќе го исушиш до 10 проценти дрвото, така ќе ми го дадеш. Ќе се промени правилник за инспекциски органи, да може да проверуваат дали е на иста влажност“, вели Олгица Вељковиќ, дипломиран инженер технолог, екологист.
Претставниците на еколошките здруженија укажуваат дека од Куманово е направена вештачка котлина.
За справување со овој проблем, општината изминативе години донесе акциски план за намалување на аерозагадувањето кој вклучува краткорочни и долгорочни мерки. Се спроведуваше процесот на аеросолизација или прскање на улиците, а се засадуваа и поголем број садници. Од долгорочните мерки најзначајна е гасификацијата.
Општата болница, која согласно истражувањата е еден од најголемите загадувачи, бидејќи се затоплува со мазут, се уште не доби гасификација.
Елена Георгиевска
