Задолжително носење лична заштита на лицето, во спротивно казна од 20 евра
Со новите измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, носењето на лична заштита на лицето е задолжително. Мерките за носење на маска не важат за лица помлади од шест години и за лица со посебни потреби и пречки во развојот. За неносење на маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра...
Маска, марама или шал - задолжителна е прекривка на носот и устата и кога се движите сами на улица. Мерката е регулирана со закон, а непочитувањето се казнува. Важи и при влез во јавен превоз, маркет, банка, во здравствените установи и други затворени објекти. Граѓаните поделени во ставовите. За дел од нив нејасно зошто маска на отворено, а не и во угостителски објект.
Ако граѓаните се придржуваат кон мерките, епидемиолошката слика ќе се подобри уверуваат здравствените власти, потенцирајќи- носењето маска и забраната за групирање е најважниот дел од заштитата.
За непочитување на мерката предвидена е казна од 20 евра. Исклучок ќе има при спортување, во автомобил доколку патниците се од исто семејство и во угостителските објекти со почитување на протоколите за заштита. Мерката нема да важи за децата до шест годишна возраст и за лицата со посебни потреби и пречки во развојот.
Нема забрана за повеќе од четири лица на семејни слави. Препораките на епидемиолозите не се прифатени. Со новите измени на Законот за заштита на населението од заразни болести се предвидува и задолжителна изолација, од тестирање за Ковид-19 до добивање на резултатот. Доколку резултатот е позитивен, самоизолацијата продолжува. За прекршување на овој член од законот предвидена е казна од 50 евра. Забрането е и групирање на отворено на јавен простор во одредени периоди од деноноќието, кое е казниво со 500 евра.
Законот го регулира и начинот на лекување на пациентите, доколку се исполнат капацитетите во државните здравствени установи, пациентите ќе може да се лекуваат и во приватните болници кои имаат дозвола за вршење на интензивна нега и терапија. Мерките ќе бидат во сила додека постои опасноста од ширење на епидемијата.
Андријана Атанасовска
