Ковид-19

Расте бројот на заразени и починати во Европа, владите воведуваат нови рестрикции

29.10.2020 13:36

Од утре Франција, а Германија од понеделник во карантин. За официјален Париз стратегијата за колективен имунитет не е опција. Шефовите на држави или влади на Европската унија на видео состанок за пандемијата на коронавирусот...

Расте бројот на заразени и починати во Европа. Владите воведуваат нови рестрикции во обид да го спречат ширењето на Ковид-19. Франција од утре спроведува карантин кој ќе трае најмалку до први декември. Во рамките на новите рестрикции, кафулињата, рестораните и дуќаните ќе бидат затворени. Основните и средните училишта ќе продолжат со работа под посебни зајакнати протоколи, но факултетите ќе одржуваат настава преку интернет. Со брзи тестови ќе се регулира епидемиолошката состојба на повратниците во државата.

Доколку не почнеме со брутално запирање на вирусот, нашите болници за брзо ќе бидат преполни. Не сакаме да се доведеме во ситуација кога лекарите би морале да одберат меѓу пациент со Ковид-19 и другo заболување“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

Германија пак, од понеделник влегува во делумен национален карантин. Запираат културните активности, се препорачува избегнување на домашни собири. Училиштата и таму остануваат отворени, се затвораат баровите, а ресторанитеќе работат единствено со нарачки. Предвидено е карантинот во Германија да трае цел ноември, а условите ги прифатиле сите 16 лидери на сојузните покраини.

Сведоци сме на зголемувањето на бројот на заразени за кратко време и согласни сме за новите мерки. Федералната влада и државите ќе се состанат повторно по две недели и ќе разгледаме повторно состојбата. Доколку овие ограничувања дадат резултат можно е да ги прилагодиме мерките и да го подобриме јавниот живот во декември под корона услови“, рече германската канцеларка, Ангела Меркел.

Најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрла на болести покажуваат дека, иако случаите на коронавирус се зголемуваат во Велика Британија, Франција, Шпанија, Германија, Италија и други европски земји, смртноста не расте со иста стапка. Од Центарот ја евидентираат Белгија со најголем раст на случаи Ковид-19 на 100.000 граѓани, надминувајќи ја Чешка каде што во моментов бројот на заразени се намалува. Епидемиолошката состојба во земјите-членки главна тема на видео состанокот на шефовите на држави и влади на Европската унија.

 

Маријана Димовска