Нема повлекување од црвените линии
„Преговори за идентитетот на македонскиот народ и за македонскиот јазик ниту имало, ниту ќе има“, вели шефот на државата. Премиерот Заев останува оптимист. Се надева дека работните групи ќе успеат да ги надминат недоразбирањата со соседна Бугарија, која сѐ поотворено се заканува дека нема да даде зелено светло за преговорачката рамка на земјава со Брисел. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, предупредуваат – македонската нација е на пат да биде обезглавена...

Нема повлекување од црвените линии, за македонскиот идентитет и јазик немало ниту ќе има преговори, категоричен шефот на државата запрашан за коментар за некои медиумски пишувања дека ЕУ и Бугарија се договориле да не се кочи евроинтеграцијава на земјава, доколку Софија признае дека постои македонски народ и јазик, а Скопје, дека тие се со бугарски корени.
И премиерот Заев се согласува со претседателот, дека нема преговори за идентитетот и јазикот, и дека нема да има нов договор за добросеоседство со Бугарија или анекс на договоот. Посочи, македонската страна е подготвена само на дообјаснување преку декларација на инсистирање од Софија. Смета дека Бугарија ја признава реалноста и дека работните групи ќе најдат решение, со што ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција.
Опозицијата со реакција дека македонската нација е пред обезглавување поради недржавничкото однесување на Зоран Заев што ја носи нацијата пред самоукинување. „Ниту една држава во светот нема забрана за национално самочувство, само македонската, затоа што Зоран Заев е премиер“, се вели во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Ирина Гелевска
