Собраниска расправа за ребалансот на буџетот
Почна собраниската расправа за ребалансот на буџетот. Министерот за финансии, Бесими вели дека од ефектуирањето на овој документ зависи четвртиот пакет антикризни мерки. Според опозицијата, нема да се решат проблемите на економски план. Поднесоа 188 амандмани...

Второто прекројување на државната каса, дополнето со амандмани од комисиската расправа, на пленарна седница. Вкупните приходи се планирани на 196,3 милијарди денари. Расходиите се на ниво од 252,8 милијарди денари. Дефицитот е позициониран на 8,49 проценти од БДП. Стотици илјади граѓани и фирми очекуваат од Собранието да го донесе ребалансот за да можат да ги ползуваат мерките од четвртиот пакет кој ќе им помогне да се справат со последиците од пандемијата, посочи министерот Бесими.
Овој буџет е неразвоен и лошо концепиран, нема да ги даде резултатите кои што ги очекуваме, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата со став - економијата е во слободен пад, народот осиромашува. На комисиската расправа опозицијата поднесе 188 амандмани, беа прифатени само 9.
Според Деловникот, пленарна расправа за ребалансот трае најмногу пет работни дена. Се очекува тој да биде донесен до следната недела и да почне реализацијата на четвртиот сет економски мерки.
Сунчица Николоска
