Задолжителна вакцинација на добитокот против болеста син јазик
Од следната година ќе се воведе задолжителна вакцинација на добитокот против болеста син јазик што ќе биде и услов за добивање на субвенции од државата. Од јули, кога оваа добиточна болест повторно се појави кај нас, досега е потврдена кај повеќе од 3.300 овци и кози. Половина од заразените животни се угинати...

Добиточната болест син јазик се прошири во речиси сите региони во Македонија. Од јули кога беа потврдени првите12 заболени овци во две одгледувалишта во општина Кичево досега се евидентирани повеќе од 450 жаришта. Агенцијата за ветеринарство ја регистрира појавата на болеста кај 3.380 грла, а досега се угинати над 1 700 животни.
Според АХВ, во светот е практиката сточарите самите да ја платат и да вршат вакцинација за да ги заштитат животните. Затоа, од идната година вакцинацијата против син јазик ќе биде задолжителна, на трошок на одгледувачите, и ќе претставува услов за добивање субвенции.
Болеста син јазик не е зооноза, односно не може да се заразат и не е опасна за луѓето, но месо од заболено животно не треба да се консумира. Станува збор за вирусно заболување кај домашните и дивите преживари ,овци, кози и говеда. Таа не се пренесува преку контакт на животно со животно туку единствено со каснување на инсекти, комарци и мушички во периодот на нивната активност, особено од април до ноември, кога има услови за високи температури и влажност.
Во нашата земја, присуството на син јазик последен пат е евидентирано во 2015 година.
Методија Трајков
