Османи на видео средба со Линкевичиус: Македонија да ги почне преговорите без никакво одложување

30.10.2020 10:41

Министерот за надворешни работи Османи, денес оствари видео средба со неговиот колега од Република Литванија, министерот Линас Линкевичиус.

Министерот за надворешни работи Османи, денес оствари видео средба со неговиот колега од Република Литванија, министерот Линас Линкевичиус.

Видео средбата е дел од серијата средби што Османи во текот на изминатиот период ги остварува со своите колеги од земјите-членки на Европската Унија, сѐ со цел, да се пренесе пораката за првиот приоритет на земјава – усвојувањето на Преговарачка рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годината под претседателството на Германија, соопштуваат од МНР.

„Ја цениме принципиелната позиција на Литванија за поддршка на европскиот пат на Северна Македонија, а особено сме благодарни што го препознавате нашиот напор, со добра волја и низ дијалог да ги надминуваме сите отворени прашања до затворањето на преговарачката рамка и до одржувањето на првата Меѓувладина конференција“, истакна Османи.

Министрите разменија мислења и за добрососедските односи и за состојбите во Регионот.

„Остануваме посветена на негување на добрососедските односи со континуирана имплементација на Договорите со Грција и Бугари, затоа што преку нив создадовме нова енергија и придонесовме за обновување на интензитетот за проширување на ЕУ со земјите од Регионот“, подвлече Османи.

Министерот Линкевичиус укажа на безрезервниот и одлучен став на Литванија за продолжување со континуираната и видлива поддршка на нашата европска интеграција, пренесе дека Литванија останува отворена за споделување на искуства во сите области во Европската унија и во преговарачкиот процес за кои нашата страна ќе покаже интерес.

Во разговорот беа разгледани можностите за продлабочување на соработката на билатерален план, подготвеност за нови твининг проекти, соработка со Литванскиот институт за јавна администрација, економската дипломатија, кризен менаџмент и друга експертска помош, соопштуваат од МНР.