Занаетчиите погодени од корона- кризата
Корона кризата затвори седум занаетчии во Охрид. Најпогодени се уметничките занаети кои дирекно зависат од бројот на туристи...

Пандемијата стави клуч на врата на седум занаетчии од Охрид. Целиот занаетчиски сектор се соочува со големи финансиски потешкотии. Побарувачката е намалена, занаетчиите немоќни да се справат со кризата и да одржат ликвидност, ги згаснуваат фирмите.
„Лоша е состојбата со занаетчиите. Сами можете да видите каква е атмосферата во старата охридска чаршија. Загрижувачка е бројката од седум занаетчии кои престанале да вршат занаетчиска дејност во текот на оваа година. Веќе во декември при крајот на оваа година, има поголем интерес за затворање на фирми“, вели Сашо Богоески, Претседател на Регионалната занаетчиска комора- Охрид.
Во Охрид има 250 регистрирани занаетчии. Загрижува тоа што во следните два месеци се очекува да се зголеми бројот на затворени фирми кои вршеле занаетчиска дејност. Најпогодени се уемтничките занаети кои дирекно зависат од бројот на туристи.
„Оние уметнички занаети. Резбарство, филигран, изработка на накит тие се сезонски занаети кои чекаат туристи. Тие најмногу осетија. Кризата ја осетија и услужните дејсности бербери, шнајдери, кондураџии, во целост голем е падот на прометот“, додава Богоески.
Со четвртиот пакет мерки предвидени се 12 милиони денари за поддршка на занаетчиите за набавка на алат и опрема, а дополнително тие може да ја користат мерката за финансиска поддршка за исплата на плати.
Соња Рилковска
