Тетово повторно меѓу најзагадените градови
Тетово и оваа година е меѓу најзагадените градови во државата. Мерните станици покажуваа висока концетрација на ПМ 10 честички. Барем засега не се преземаат сериозни чекори за намалување на аерозагадувањето, децениски проблем на тетовци...

За негрижата на градските власти околу големата аерозагаденост чија сезона започна, доволни говори еколошкото дрво поставено во центарот на Тетово во форма на билборд, кое требаше да го прочистува воздухот.
Тетовци велат дека последниве денови посебно во вечерите часови дишат екстремно загаден воздух. Тоа го покажуваат и станиците кои мерат поголеми вредности на ПМ 10 честичките за неколку пати од максималните граници.
Револтирани се за негрижата на Општина Тетово посочувајчи го токму еколошкото дрво кое требаше да ги апсорбира штетните ПМ 10 честички од воздухот, преку мовта засадена во садниците.
Од Еко Герила, велат дека Еколошкото дрво се пресушило затоа што Јавното комунално претпријатие- Тетово не го наводнувало. Тоа е веќе целосно уништено и не се исплаќа да се обновува.
За чист воздух властите треба да работаат преку цела година, но тие и сега во сезоната на загаден воздух не гледаме дека преземаат некакви чекори.
И годинава не се презедоа сериозни мерки за изворите на загадување, кои беа посочувани од невладините, но и од самите власти дека го трујат тетовскиот воздух.
Сообраќајниот хаос сѐ уште е присутен, огромни зданија кои ја спречуваат нормалната циркулација на воздухот и натаму се градат особено во централнот градско подрачје, зеленилото се уништува на секој чекор, а јавниот превоз никако да профункционира.
Зоран Димовски
