Ковид-19: Драматично расте бројот на заразени и починати
Светот под удар на вториот бран од коронавирусот. Драматично расте бројот на новозаболени и на починати. Во Германија забележан највисок дневен рекорд од почетокот на епидемијата. Регистрирани се над 18.600 новозаболени во едноденоноќие...

Светот под удар на вториот бран од коронавирусот. Драматично расте бројот на новозаболени и на починати. Во Германија забележан највисок дневен рекорд од почетокот на епидемијата. Регистрирани се над 18.600 новозаболени во едноденоноќие. Алармантна е состојбата и во Италија, Франција, Шпанија, но и во регионот. Во Хрватска се евидентирани над 2.700 новозаболени од Ковид-19.
Европа се мобилизира за амортизирање на ударот од вториот бран. 220 милиони евра помош за прекуграничен транспорт на луѓе заболени од Ковид -19 најави Европската комисија. Претседателката Урсула Фон дер Лајен вети вакцина во исто време и под исти услови за сите земји членки во унијата.
„Се зголемува бројот на новозаболени, се зголемува бројот на хоспитализирани, за среќа бројот на починати не расте толку брзо пред се поради тоа што сега подобро разбираме како да ја третираме болеста Ковид-19, но ако не реагираме итно и кохерентно здравствениот систем ќе биде преплавен од бранот пандемија“, изјави Фон дер Лајен.
Франција од денеска под целосен карантин. Во обид да го избегнат затворањето, илјадници парижани ја напуштија француската метропола, предизвикувајќи невиден сообраќаен метеж. Многумина ја искористија последната ноќ за да поминат време со свето семејство и со пријателите пред затворањето на баровите и рестораните. Километарски колони возила забележани и во други француски градови.
„За разлика од првиот бран, сега се погодени сите наши региони и сите возрасни групи. Вирусот се забрзува, мора и ние да забрзаме. Целта е да се заштити здравјето на граѓаните. Ова е причината поради која претседателот да се реши за затворање на целата земја до 1 декември“, изјави Жан Кастекс, премиер на Франција.
Оптимистички тонови доаѓаат од научниците во светот. Водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи првите дози безбедна и ефикасна вакцина против Ковид-19 ги најави до крајот на декември или во почетокот на 2021 година. И хрватскиот научник Кристијан Рамадан, професор на Оксфорд, открива дека вакцината против новиот коронавирус во првата и во втората фаза покажува успешно создавање имунолошки одговор, без штетни последици.
Маја Стојанова
