Пендаровски: Пандемијата нѐ потсети кои се нашите заеднички вредности
Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на онлајн конференцијата посветена на високото образование во регионот на Западен Балкан, на тема „Заеднички вредности, способности и одржлив развој“...

Пандемијата со Ковид-19 нѐ потсети на тоа кои се нашите заеднички вредности. Во демократскиот свет во кој живееме, општо е прифатено дека тие вредности се, владеењето на правото, демократските политички вредности, функционалните институции и културата на дијалог- посочи претседателот Пендаровски на отворањето на онлајн-конференцијата посветена на високото образование за Западен Балкан, на тема „Заеднички вредности, способности и одржлив развој“.
Врвна вредност за секоја држава и за секое општество е човекечкиот живот. Оттука, главна мерка за успешноста на една држава е способноста на нејзините институции да им овозможат безбеден, предвидлив, стабилен, просперитетен живот на граѓаните, со почитување на нивното вродено човечко достоинство, посочи претседателот Пендаровски.
Истовремено, нашите национални напори за одржлив развој се усогласени со нашата клучна надворешнополитичка цел – членство во Европската унија. Република Северна Македонија заслужува и е подготвена да ги почне пристапните преговори за членство во Унијата и тоа уште за време на германското претседателство. Интегрирањето на нашата земја во Унијата, но и на другите земји од Западен Балкан, е во интерес на регионалната безбедност и на просперитетот.
