Разорен земјотрес во Турција
Тлото под Измир загуби рамнотежа. Земјотрес со јачина од седум степени по Рихтер им пресуди на луѓето во овој дел од Турција. Има починати и повредени. Бројките се менуваат бидејќи се пребарува под урнатините...

Силен земјотрес ја погоди западна Турција, во областа Сеферихисар. Потресот бил со јачина од 7 степени по Рихтер. Епицентарот бил на 17 километри западно од провинцијата Измир. Локалните медиуми јавуваат за целосно разурнати или за оштетени објекти и станбени згради, прекинати се и телефонските линии.
Потресот предизвикал паника кај неселението кое во моментот е на улиците. Се стравува дека има жртви. Земјотресот се почувствувал и во соседна Грција, во главниот град Атина, а особено бил погоден островот Самос, каде што има оштетени станбени објекти.
„Ова е најголемиот земјотрес што некогаш бил почувствуван во Измир“, вели еден жител.
По земјотресот дошло до подигање на нивото на морето што довело до поплавени градски улици на крајбрежните градови. Водата носела и помали бродови и чамци.
Градоначалникот на Измир изјави дека биле урнати најмалку 20 згради. Спасувачките тимови извлекле тројца повредени од под урнатините во Бајраклија. Претседателот Ердоган упати порака за поддршка на мештаните од Измир и турскиот брег на Егејското Море. Рече дека биле ангажирани сите надлежни институции, министрите и службите.
Потресите се чести во Турција. Во земјотресот во 1999 година загинаа 17 илјади луѓе.
Марина Ристова
