Ковид-19: Над илјада починати од почетокот на пандемијата
Над илјада починати од почеток на пандемијата во земјава. Расте бројката и на новозаболени. Денеска треба да пристигне донација од 13.000 брзи тестови, најави министерот Филипче. За 15 минути ќе се утврдува кој е позитивен на Ковид-19...

Во земјава, од почетокот на пандемијата, веќе починаа над илјада лица. Нови 865 случаи на инфицирани со Ковид-19 се регистрирани, од 2.449 тестa, информира Министерството за здравство. Според последниот извештај се починати десетмина. Четворица пациенти од Скопје, двајца од Прилеп, и по еден пациент од Битола, Охрид Кочани и Пробиштип. 359-мина оздравеле. На Инфективната клиника е хоспитализиран 161 пациент, додека на кислородна поддршка се 123 пациенти.
Денеска треба да пристигне донација од 13.000 брзи тестови со кои за 15 минути се утврдува, дали кај тестираниот е присутен вирусот Ковид-19. Ќе бидат доставени низ сите пунктови, каде што се врши тестирањето, најави министериот Филипче.
Владата и министерството за здравство, почнуваат кампања за носење маски, како поддршка на законот и подигнување на свеста на граѓаните од важноста за почитување на мерките и препораките на Комисијата за заразни болести.
Носењето на заштитни маски на отворен и во затворен простор е општо прифатена мерка за заштита во цела Европа. „Тоа е засега наједноставен и најсигурен начин да се спротивставиме на пандемијата“, соопштија од Министерството за здравство.
