ЗДРАВЈЕ

Пандемијата со коронавирус го наруши и циклусот на спиење

02.11.2020 11:47

Анксиозноста и неизвесноста како резултат на пандемијата на коронавирус кај многумина доведе до нарушувања на спиењето.

„Луѓето се обидуваат да пронајдат нов ритам во животот, а тоа понекогаш влијае и на сонот“, изјави Мајкл Гранднер, раководител на истражувањето на спиењето и здравјето на Универзитетот во Аризона.

Некои остануваат будни подолго од стрес, некои сонуваат за ковид-19. Експертите за спиење откриле дека влијанието на пандемијата врз сонот е многу различно.

„За време на пандемијата, многу луѓе забележаа дека легнуваат подоцна, па дури и стануваат подоцна“, вели Хулио Фернандез-Мендоза од државниот универзитет Пен.

Ова може да биде поврзано со фактот дека многумина работат од дома, па затоа спијат подолго бидејќи не мора да патуваат на работа, како и обично.

Професорката по неврологија Кети Голдстајн вели дека некои се опоравиле од хроничен недостаток на сон поради тоа, па сега се чувствуваат многу подобро.

Истражувањето спроведено во март во Италија покажа дека и студентите и вработените стануваат скоро еден час и 15 минути подоцна отколку пред пандемијата.

Испитаниците во италијанско истражување исто така пријавиле послаб квалитет на спиењето, што го поврзале со стрес, анксиозност и депресија.

„Ако станувате премногу доцна или поминувате повеќе време во кревет отколку вообичаено, вашето тело веројатно нема да биде подготвено за спиење кога треба“, рече Гранднер, советувајќи ги луѓето да го намалат времето што го поминуваат во кревет во текот на денот.

„Повеќе часови поминати во кревет значи помало изложување на сончева светлина, како и помала физичка активност, што е од витално значење за добар сон“, додаде Гранднер.

Студија спроведена во Кина на почетокот на пандемијата откри дека луѓето сметаат дека ковид-19 е голема закана и дека страдаат од несоница. Околу 68 проценти од испитаниците во Соединетите држави пријавиле проблеми со спиењето и несоница за време на карантин.

Жените во Финска пријавија чести кошмари и зголемено ниво на стрес. Друго истражување, спроведено на 3.000 возрасни лица во САД, исто така, покажало дека жените имаат поголема веројатност да страдаат од лоши соништа.

"Зборуваме за лоши соништа, но тие исто така можат да имаат добар ефект. Спиењето може да ги стимулира процесите на учење и сите треба да се навикнеме на нови начини на социјално однесување", заклучи Ана-Катрина Песонен, која ја водеше финската студија.

Дијана Гогова