14 напади врз новинари, сѐ повеќе закани по социјалните мрежи

02.11.2020 13:33

ЗНМ годинава регистрирало 14 напади врз новинари во нашата земја. Сѐ повеќе закани има по социјалните мрежи. Насилниците и натаму остануваат неказнети.

Четиринаесет напади врз новинари во нашата земја годинава регистрирало Здружението на новинари. Сѐ повеќе закани по социјалните мрежи. Новинарите почесто се соочуваат со вербални и физички напади поради вршењето на своите професионални обврски. Насилниците и натаму остануваат неказнети. На меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите- ЗМН со пораки до надлежните , но и до јавноста - професионалните новинари не смеат да бидат напаѓани поради тоа што ја вршат својата професија.

„До Јавното обвинителство, нападите и заканите врз новинарите треба итно да се процесуираат, со што ќе се придонесе за заштита на демократијата во земјава. Бараме најскоро Министерството за правда да направи измени во Кривичниот законик. Со измените да се прошири надлежноста на обвинителството да постапува по службена должност по кривични дела поврзани со напад на новинари и да се зголемат казните на напаѓачите. ОЈО да формира посебно одееление кое ќе ги гони напаѓачите на новинарите“, вели претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Напад врз новинар е напад на демократијата и слободниот  говор, а тоа е недозволиво за земја која претендира наскоро да почне преговори за влез во ЕУ, вели првиот човек на ЗНМ. Аплеира владата да ги поттикне институциите не само да ги решат случаите туку и да превенираат.

ЗНМ ги повика и новинарите кои биле предмет на закани и напади да пријавцат во ЗНМ, со цел истите да се следат за да бидат процесуирани од стана на органите на прогонот, а новинарите да добијат бесплатна правна помош. Лани кај нас, за разлика од годинава,  имало само четворица нападнати новинари. 

Во светот, пак има 22- ца убиени новинари, 248 затворени, а 64 се водат за исчезнати.

 

Наташа Гркова- Петрушевска