САД: Предизборната трка влегува во финиш
Анкетите покажуваат дека кандидатот на Демократите има водство на национално ниво, но предноста сепак е потесна во клучните држави кои би можеле и да го решат исходот на изборите. Досега гласале повеќе од 90 милиони Американци, со што излезноста би можела да биде најголема во последните 100 години.

Доналд Трамп посети пет сојузни држави во еден ден, а Џо Бајден имаше обраќање на митинг во Пенсилванија, додека предизборната трка во САД влегува во самиот финиш.
Анкетите покажуваат дека кандидатот на Демократите има водство на национално ниво, но предноста сепак е потесна во клучните држави кои би можеле и да го решат исходот на изборите. Досега гласале повеќе од 90 милиони Американци, со што излезноста би можела да биде најголема во последните 100 години.
Трамп во ист ден одржа митинзи во мичиген, Ајова, Северна Каролина, Џорџија и Флорида каде што анкетите сугерираат тесна борба. На своите приврзаници во Вашингтон, Трамп им кажа дека американската економија расте со најбрза стапка во историјата, додека во Ајова вети дека ќе ги обезбеди границите и ќе донесе повеќе конзервативни судии во судовите.
„Мојот противник ветува долга црна зима. Колку инспиративно е тоа, зар не? Мислам дека никој не го сака Бајден. Јас велам дека ќе го имаме најголемото враќање во американската историја. Тоа е она што ние го правиме“, рече Трамп.
Инаку Трамп најави дека по претседателските избори можеби ќе го смени докторот во Белата куќа, Ентони Фаучи поради недоразбирањата меѓу нив кои се продлабочија за време на најновиот голем бран нови случаи на Ковид-19.
Во финишот на кампањата, демократскиот кандидат, Бајден се фокусира на неговата родна сојузна држава Пенсилванија, каде што денеска во Питсбург ќе му се придружи и Леди Гага, додека Трамп и денеска планира да одржи пет митинзи.
„Секој ден е нов потсетник за тоа колку се големи влоговите, за тоа до каде ќе оди другата страна за да се обиде да го потисне одзивот, особено во Филаделфија. Претседателот Трамп е преплашен од тоа што ќе се случи во Пенсилванија. Тој ги познава луѓето од Пенсилванија и знае дека тие треба да го кажат своето мислење - ако вие го кажете своето, тој нема шанса“, изјави Бајден.
И двајцата кандидати ги опишуваат наредните четири години како апокалиптични доколку победи противникот.
Марина Ристова
