Четврти ден расправа за ребалансот на буџетот
Владата талка во буџетските политики, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ со став- вложуваме во човечкиот капитал. Во Собранието четврти ден расправа за ребалансот на буџетот. Со второто прекројување на државната каса треба да се обезбедат средства за справување со вториот бран од пандемијата и за спроведување на четвртиот пакет антикризни мерки...

Не може да има добар ребаланс од Влада која во сопствените редови нема стабилна и постојана политика на буџетско планирање, вели Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. За претходните три пакети на мерки според статистиката има реализација на само 54 насто од предвидените средства. Предложивме 188 амандмани за зголемување на капиталните инвестиции, но власта немаше волја да ги прифати, додаде Милошоски.
Од владејачкото мнозиство пак со став - мерките се поткрепени со 470 милиони евра во буџетот. Ќе помогнат да се спасат 83.000 работни места, ќе се доделат ваучери за пензионерите, на пасивните баратели на работа, за самохраните родители во износ од 26 милиони евра. Опозицијата со своето деструктивно однесување во законодавниот дом го забавува процесот на справување со економските последици од здравствената криза, велат од СДСМ.
Вкупните приходи во буџетот се планирани на 3,1 милијарда евра, расходите се на ниво од 4,1 милијарда евра. Дефицитот е позициониран на 8,5 насто од БДП. За корекцијата на државната каса во собранието најдоцна треба да се гласа во рок од пет работни дена.
Игор Панов
